Во Куала Лумпур и повеќе други градови во Малезија денеска е објавено дека повеќе политички партии од опозицијата, влијателни граѓански организации и поранешни високи функционери од редовите на владејачката партија УМНО се обединиле во коалиција чија цел е да го присили премиерот Наџиб Разак да поднесе оставка. За многумина неочекуваната коалиција издаде соопштение во кое ги повикува граѓаните на Малезија, без оглед на расата, религијата, политичката припадност, или возраста да ја спасат Малезија.
Малезискит премиер Наџиб Разак е осомничен за проневера на околу 700 милиони долари од државниот Фонд за инвестиции. Минатиот месец новонаименуваниот државен обвинител ги прифатил тврдењата на Разак дека тие пари се политичка донација од богатите држави од Средниот Исток, но сомнежите останаа. Против Разак истраги водат и финансиски инспекции од САД и Сингапур, кои испитуваат колку пари се префрлани на сметката на малезискиот премиер преку банки од овие држави.
Меѓу најгласните што бараат смена на сегашниот е поранешниот премиер на Малезија Махатир Мохамад. Тој вчера официјално соопшти дека ја напушта владејачката партија УМНО, а премиерот Разак, кој уживаше негова голема поддршка, Махатир го нарече „зло за Малезија“.