Главната опозициска партија во Јужна Африка, Демократската Алијанса (ДА) покрена истрага пред Вишиот суд против претседателот Џејкоб Зума, обвинувајќи го за 738 случаи на корупција.
Станува збор за истиот случај што во 2009 година еднаш веќе беше отфрлен од Обвинителството.
Опозицијата тврди дека одлуката, од пред шест години, да се отфрлат сите обвинувања против Зума била „политички мотивирана“ за да му се овозможи да стане претседател на земјата.
Зума се обвинува за земање поткуп, во врска со договорот за оружје и воена опрема, во вредност од неколку милијарди долари.
Како доказ за политичкото мешање при првичното одбивање на обвинувањата на опозицијата, уште тогаш се споменуваа снимените телефонски разговори. Јужноафриканските весници ги означуваат како „шпионски ленти„ затоа што од нив може да се заклучи дека политиката била вмешана во текот на истаргата.
Претседателот Зума и неговиот кабинет ги отфрлаат обвинувањата на опозицијата, но ДА смета дека одлуката од 2009 година била „неуставна и крајно ирационална„ па сега побара Вишиот суд да отвори нова истрага за корупција.
Актуелниот претседател кој е поранешен шеф на разузнавачката служба на владеачката партија Африкански национален конгрес (АНЦ), во мај 2009 година беше избран за претседател на Јужна Африка.
Изборот дојде само еден месец, откако обвинителството не ги прифати обвинувањата од опозицијата против Зума.
Сегашното повторено покренување на истаргата за корупција, се случува непосредно по пресудата на еден јужноафрикански суд, претседателот да ги врати парите земени од државата за обнова и уредување на неговиот приватен имот.
Со средства од буџетот, Зума на фармата има изградено голем базен за пливање и амфитеатар, како и голем кокошарник и штала за чување добиток.