„Газпром“ повторно се навраќа кон проектот „Јужен поток“, наведува московскиот весник „Комерсант“, објавувајќи дека рускиот енергетски гигант склучил договор со италијанската компанија „Едисон“ и грчката ДЕПА за дистрибуција на гас од Русија преку Црното море до Грција и Италија.
Во услови на спор со Турција, единствен начин „Газпром“ да доставува гас за Грција е преку оживување на проектот за изградба на гасоводот „Јужен поток“, за што се заинтересирани и неколку други земји членки на ЕУ, наведува весникот.
„Комерсант“ оценува дека со новиот гасовод „Гаспром“ ќе може да дистрибуира гас до Балканот, а од таму и до Италија, заобиколувајќи ја Украина, што беше и основната замисла на „Јужен поток“.
Со договорот се предвидува новот гасовод, кој би имал капацитет од осум милијарди кубни метри гас годишно, да биде со должина од 807 километри, поаѓајќи од Русија преку Црното Море до Бугарија и отаму преку Грција и Јонското Море да завршува кај Пулија во Италија.
„Комерсант“ смета дека за реализацијата на овој гасовод „Газпром“ ќе може да ги искористи досега изгрдените инфраструтурни објекти што беа планирани за „Јужен поток“.
Извори од „Газпорм“ за весникот изјавиле дека компанијата е подготвена да го реализира овој проект, само под услов доколку добие согласност од Европската комисија.
Анонимен претставник на „Газпром“ за електронскиот весник „РБК Дејли“ вели дека изградбата на новиот гасовод за сега е во фаза на проект и се уште не е изработена ни техничко-економска експертиза за него, а не е познато ни колку би чинел.
– За сега не знаеме каде тој би минувал преку Црното море. Најлогично е да минува низ територијалните води на Турција, но нашите односи со неа сега се сложени. Затоа како алтернатива се разговара за траса што ќе минува крај Ромаија и Бугарија, вели анонимниот извор за „РБК Дејли“.
Експерти за „Комесрант“ меѓутоа оценуваат дека овој нов гасовод ќе може да ги задоволува потребите на земјите од југот на Балканот и Италија, но, не и на корисниците во Србија и Унгарија, за кои рускиот гигант би требало да изгради дополнителен гасовод.
Во игра за тоа се два можни проекти „Истринг“, кој би одел од Словачка преку Унгарија и Романија до Бугарија, или пак гасоводот „Тесла“, кој би поаѓал од Австрија преку Унгарија и Србија до Македонија.