Иако со одлука на државниот обвинител на Малезија на 2. февруари беше формално запрена истрагата за евентуалната корупција на малезискиот премиер Наџиб Разак, скандалот околу потеклото на 681 милиони долари, откриени лани на приватните сметки на Разак не е завршена приказна.
Околу потеклото на парите на приватните сметки на премиерот на Малезија покренати се истраги во САД и Сингапур, каде што високи финансиски авторитети изјавија дека допрва ќе се истражува и докажува дали Наџиб Разак учествувал во перење пари што потекнуваат од државниот Фонд за развој на Малезија.
Според официјалното соопштение, милионите долари на приватните сметки на премиерот Разак биле донација на политички симпатизери од државите на Арапскиот Полуостров, а во Малезија со закон не е ограничена висината на средства ни од домашни, ниту од странски спонзори. Во тоа соопштение се додава дека нема никакви траги кои би покажале дека се извршени трансфери на пари од сметките на Фондот за развој на Малезија, кои би воделе до сметките на премиерот.
Наџиб Разак е основач и претседател на управниот одбор на државниот Фонд за развој на Малезија, формиран пред пет години. Овој фонд во 2014 година има регистрирана загуба од над девет милијарди долари.
„Масло на огнот“ за скандалот додаде саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џабеир, кој два дена по запирањето на истрагата за корупција за „Њујорк тајмс“ изјави дека парите Разак не ги добил од властите во Саудиска Арабија и дека нема информација дека тие биле политички мотивирана донација. Саудискиот министер смета дека тоа биле пари поврзани со инвестиции во Малезија, а на приватните сметки на премиерот Разак ги испратиле „приватни лица“ од богатото арапско кралство.
Противниците на сегашниот премиер ја зајакнаа кампањата во која се бара оставка на Разак преку социјалните мрежи, но нофовормираната кибер полиција на Малезија денеска издаде соопштение дека авторите на постови во кои и натаму се тврди дека Наџиб Разак е корумпиран ќе одговараат. По избувнувањето на скандалот, што лани во јуни го откри „Азија волстрит џурнал“, во Малезија беа затворени повеќе интернет портали и неколку печатени медиуми, кои пренесуваа изјави со барање на оставка на премиерот.