Кога е времето убаво, во лондонскиот кварт Ковент Гарден, полн со туристи и интересни продавници може да се забележи мачор со шарено шалче околу вратот. Тој ужива во вниманието што го привлекува од минувачите додека неговиот сопственик Џејмс Боуен свири песни од „Оазис“ на стара акустична гитара.
Овој познат лондонски пар на улични забавувачи познат е повеќе поради мачарот Боб, кој на Џејмс му го спаси животот, а потоа му донесе и слава и убави приходи кои постојано растат.
Кога го нашол под скалите на зградата во која живеел во распаднатиот еднособен стан, Џејмс бил уличен свирач кој едвај заработувал некоја пара, но и зависник од дрога на лечење со метадонска терапија. Зад себе имал неколку години како бездомник и зависник од хероин, поради што за неколкупати бил на границата меѓу животот и смртта.
Мачорот бил изгладнет и повреден, со голема отворена рана на ногата, здобиена од дуги мачки, можеби и од лисица. Бидејќи од секогаш сакал мачки, Џејмс му ја исчистил раната и го нахранил, а потоа ги дал и последните 28 фунти на ветеринар, за инјекција за да не загнои раната.
Поради својот неуреден живот, немал намера да го задржи мачорот, туку планирал да го пушти на улица кога ќе се излечи.
Но мачорот Боб имал поинакви планови. Кога Џејмс го извадил на улица не покажал ни најмала намера да си оди, туку го следел до автобусот, а потоа трпеливо го чекал цел ден пред куќата. По неколку дена влегол со него и во автобус, па Џејмс одлучил да го поведе на „работното место“.
Во присуство на мачорот, заработката се зголемила. Минувачите почнале да оставаат секакви подароци пред Боб.
„Прв пат се почувствував како да имам семејство. Тоа ми даде одлучност да го подобрам својот живот со цел и нему да му биде подобро. Во меѓувреме јас созреав и премногу научив. Никогаш повеќе нема да се вратам на дроагата“, тврди овој уличен свирач.
Глетката на високото момче како оди по лондонските улици со жолтиот мачор околу неговиот врат, и снимките кои обожавателите ги поставуваа на Јутјуб, го привлече вниманието на агентот за издавање книги, Мери Панчос, која на Џејмс му предложи да напише книга за нивната дружба.
Успехот беше огромен. Книгата „Уличниот мачор по име Боб“ веќе се месеци не се симнува од првото место на листата со бестселери. Продадена е во 250.000 примероци и преведена на неколку јазици. Се подготвува и детска книга со илустрации, а Џејмс преговара со холивудски агенти за снимање на филм.
Се зборува дека Џејмс може да го глуми Џони Деп.