Министерот за животна средина и просторно планирање конечно се разбуди од хибернацијата и проговори околу аерозагадувањето во повеќе детали, сметаат граѓанските здруженија и иницијативи, организатори на протестот „Излези за воздух“.
– Препораките презентирани од страна на министерот, во слична форма, уште во ноември беа објавени на интернет страницата на Министерството за животна средина. За жал, надминување на законските граничните вредности за ПМ10 честичките има речиси секој ден во декември. Спроведување на предлог мерките објавени во ноември, нема! – велат организаторите на протестот „Излези за воздух“.
Сметаат дека три од седумте препораки на Министерството, се во суштина евакуација на населението, а не мерки за спречување на аерозагадувањето (ослободување од работни обврски на хронични болни, бремени жени и лица постари од 60 години; предвремен зимски распуст за училиштата; забрана за работа на градежни работници на отворено).
– Наместо да си ја префрлаат топката, Владата, МЖСПП и локалните самоуправи на загрозените општини треба итно да реализираат кризни, краткорочни мерки, а истовремено да работат и на долгорочни, стратешки мерки кои ќе превенираат вакво енормно загадување. Со други зборови, Владата, МЖСПП и општините не треба да бидат само декларативни „пожарникари“ против аерозагадувањето, туку треба да работат на спроведување на итните мерки и на превенција – велат од „Излези за воздух“.
Оттаму посетуваат дека во исто време лани, МЖСПП излезе во јавноста со предлог-мерки кои подоцна беа дискутирани и одбиени на ниво на Влада.
– Ја потврдуваме нашата заложба за организирање масовен, централен протест утре во 17 часот пред Влада на РМ, под водство на повеќе од 20 организации од Скопје, Битола, и Тетово, на кој ќе се изрази граѓанскиот револт од досегашната пасивност на надлежните. Сметаме дека Владата и МЖСПП можат и мораат да работат далеку подобро. Ги повикуваме Владата и МЖСПП да делуваат веднаш! Нема потреба од усвојување, пишување и дебатирање. Потребно е итно спроведување на заштитни мерки! Дополнително, Владата и МЖСПП треба да обрнат уште повеќе внимание на системските мерки и долгорочно решавање на проблемот. Имајќи го тоа предвид потребен е мораториум на сечата на урбаното зеленило, нешто со што се соочува секој поголем град во Македонија а особено критично е Скопје – велат организаторите на протестот.
Тие нагласуваат дека ќе продолжат со граѓански притисок врз власта и со секојдневна анализа на нејзината работа.
– Нашата кампања за чист воздух нема да запре се додека концентрациите на канцерогени ПМ10 и ПМ2.5 честички не се доведат под максималната граница пропишана од ЕУ, во период од 10 последователни денови – порачуват организациите.