Од 2015 година до 2018 година за реконструкција на фасади во центарот на Скопје во барокен стил, Градот ќе потроши вкупно околу 14 милиони евра. Само за 2016 година се планирани 4.700.000 за барокни фасади, за во 2017 година 2.100.000, а во 2015 биле потрошени 6.276.000 евра. Ова е предвидено во нацрт планот за буџетот на Град Скопје, кој треба да биде донесен на денашната седница на градското собрание.
Буџетот за наредната година е за 8,6 отсто е поголем од овогодишниот. За опозицијата ова се нереални зголемувања, велат дека планот е напумпан и дека нема шанси да се реализира.
За барокните фасади ова не се единствените трошоци. Градот планира следната година да потроши 500.000 евра за подготвување на проекти за фасади, 81.000 за одржување на фасади на згради, нешто повеќе ќе се потроши за електричната енергија и водата за фонтани и споменични обележја, а 487.000 евра ќе бидат потрошени за одржување на фонтаните и споменичните обележја.
Околу пола милион евра, или 487.000 евра, ќе се употребат за изградба на патеки и улици околу плоштад ВМРО, каде е сместено седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна Градот планира да одвои само 25.000 евра за пешачки и велосипедски патеки.
-Што е битно за Коце Трајановски? Само 16.000 евра Градот ќе потроши за расчистување на диви депонии. За следната година е поместена набавката на машина за пресадување на дрва, а истата ќе се набави со кредит од 370.000 евра – велат советниците од СДСМ.
Градот како да не планира да инвестира во мерки кои би го намалиле загадувањето на воздухот. За Секторот за заштита на животната средина е предвиден буџет од 607.000 евра, а 421.000 евра од тие пари ќе бидат потрошени за тековно оперативни расходи
Последиците од загадувањето на воздухот наредната година ќе биде третирани со елаборати и студии. Така 8.130 евра ќе чини студија за проценка на еколошкиот капацитет на град Скопје, 24.000 евра ќе се потрошат за Реализација на активности од Стратегијата за намалување и прилагодување на климатските промени, по 44.000 евра ќе се потрошат за елаборат колку во загадувањето учествува сообраќајот и за елаборат за испитување колку загадувањето е последица од греењето на дрва. Единствената ефективна мерка е набавката на калциум магнезиум ацетат со кој ќе се прскаат улиците за да се намалат честичките ПМ10. За оваа набавка се предвидени 40.000 евра.
-Буџетот на Град Скопје не е ништо ново, продолжуваат непродуктивните трошења за барокни фасади и фонтани, а проблемите на граѓаните остануваат нерешени. Што е со загадувањето на воздухот, со метежот во сообраќајот и фактот што жителите во некои делови од Скопје се уште немаат водовод и канализација? Трамвајот оваа година е целосно исфрлен од игра. Градот се откажува од инфраструктурните проекти. Коце Трајановски покажува дека е само тековно одржување и тоа е лошо, нема никаква перспектива за развој – велат од опозицијата.
1,6 милиони евра ќе се потрошат за Градската куќа која е во процес на изградба, а која се наоѓа под Кале, до веќе изградениот кружен објект на ЈП „Водовод и канализација“. Во овој објект ќе биде сместена градската администрација. Од друга страна во план е да се потрошат вкупно 750.000 евра за комунална инфраструктура
Следната година Градот ќе потроши околу три милиони евра за реконструкција и изградба на тротоари, плоштади и фонтани. На тротоарите можете и да не сметате, велат од опозицијата, али затоа може да очекуваме нови фонтани.
Со 1,3 милион евра Градот ќе се задолжи за да го изгради водоводот во Шуто Оризари. Овој зафат беше најавуван оваа година, но ставката е префрлена во буџетот за следната. За сега речиси ништо не е реализирано.