Скопската градежна фирма „Декон-Ком“ ќе ја гради административната зграда на седум ката која ќе се подигне во паркот до Македонската опера и балет, а позади Министерството за надворешни работи. Градежните зафати ќе чинат нешто 9,9 милиони евра, додека сумата надминува 10 милиони со трошоците за идејно решение, проект, надзор или уредување.
Градбата е инвестиција на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, некогашно ПУИК, и ќе се користи за неговата администрација. ПУИК деновиве се најде во вниманието на јавноста затоа што на местото на неговите бараки во Дебар маало се предвидени две петкатници со намена за семејно домување. Владата ги прогласила овие објекти за градби од посебен интерес.
Зад административната зграда до МОБ, пак, стои архитектот Жарко Чаушевски. Поради тоа се очекува да биде барокна фасада, иако не е објавено идејното решение.