Во пресрет на претстојниот седми Меѓународен фестивал на хумор и сатира „Ин Виница Веритас“, Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница го распиша Меѓународниот конкурс за карикатура на тема „Светот е мал“.
Според условите на конкурсот, еден автор може да учествува со најмногу три карикатури, кои можат да се достават електронски. Големината на карикатурите треба да биде А 4 формат, во боја или црно-бели.
Како што информира директорот на Домот на културата Славко Данев, наградите ќе бидат во вредност од 300, 200 и 100 евра. Конкурсот трае до 2 октомври, а прогласувањето на најдобрите ќе биде на отворањето на Фестивалот кој ќе се одржи од 19-23 октомври.
Жирито кое ќе одлучува за изборот на карикатурите ќе биде во интернационален состав: Саша Димитриевиќ (карикатурист од Србија, Ивајло Цветков (Бугарија) и Блаже Докуле од Македонија.
За ова издание на Фестивалот се најавува богата програма со звучни актерски имиња, работилници со карикатури и промоција на нови дела од познати афористичари.