По дводневните масовни антивладини протести, на истиот сквер во Куала Лумпур денеска се одржа прославата на Денот на независноста на Малезија. На прославата, премиерот Наџиб Разак ги отфрли обвинувањата на неговите противници според кои тој ја довел државата во незавидна економска ситуација и ја уназадил демократијата во Малезија.
На протестите на опозицијата во саботата и неделата, во кои според полицијата учествувале околу 35, а според организаторите 350 илјади лица, говорниците, меѓу кои и поранешниот премиер Махатир Мохамед, побараа сегашниот премиер да се повлече од политиката и на државата да и ги врати 700-те милиони долари што се откриени на неговата приватна сметка.
Аферата со големата сума пари на приватната сметка на Наџиб Разак во јули прво ја откри угледниот Азиан Вол Стрит Џорнал, кој објави докменти за трансфер на околу 700 милиони долари на приватната сметка на премиерот Разак. Сите документи укажуваат дека парите потекнуваат од државниот Фонд за развој на Малезија, но премиерот и неговите министри демантираат, тврдејќи дека овие пари се донација од некоја држава од Блискиот исток, одбивајќи да го откријат потеклото на парите.