Женската фудбалска репрезентација на САД повторно ја освои титулата светски шампион откако ноќеска во финалето на Мундијалот што се одржа во Канада го совлада досегашниот првак Јапонија со 5:2. Ова за Американките е вкупно трета титула, а прва по пауза од 16 години. Претходните две ги освоија 1991 и 1999 година.
Со оваа победа тие им се реваншираа на Јапонките за поразот во финалето на претходното СП.
Самото финале беше решено во првите 16 минути кога Американките поведоа со 4:0. Три од четирите голови ги постигна Чарли Лојд (3, 5 и 16 минута), а еден Лорен Холидеј (14.минута). Јапонија до крајот на првиот дел намали преку Јуки Огими (27.минута). Со автоголот на Џули Џонсон (52.минута) резултатот беше 4:2, а конечните 5:2 ги постави Тобин Хет (54.минута).
Лојд го доби признанието најдобра фудбалерка на шампионатот, а со Целија Шашиќ од Германија со по 6 голови го поделија првото место и кај стрелците.
Трофејот за фер-плеј го освои Франција, каде по четири години ќе се одржи следното Светско првенство.