Високи политички претставници на 50 држави од сите континенти денеска во Пекинг ги потпишаа пристапниците за оснивачкиот влог и акционерски права на новата Азиска банка за инвестиции во инфраструктурата (АИИБ).
Банката ќе стартува со работа наскоро, со почетен капитал од 100 милијарди долари, од кои Кина обезбедува 30 отсто од средствата.
Пристапните договори ги потпишаа и претставниците на Германија, Франција, Велика Британија и Италија, иако од страна на САД беа предупредени дека учествуваат во создавање на финансиска институција која е под контрола на Кина, ќе биде нелојална конкуренција на Светската Банка.
Пристапувањето кон Банката го отфрли и Јапонија, чиј капитал е најзначаен во сега втората најголема финансиска институција во светот, Азиската банка за развој.
Во оснивачкиот влог на АИИБ, Индија ќе учествува со 8,4, а Русија со 6,1 отсто. Вкупниот влог на Велика Британија, Франција, Германија и Италија ќе биде 14 отсто.
Иако ќе биде најголем акционер, Кина ќе нема право да става вето на одлуките на бордот на АИИБ, но сигурно е дека нејзиното влијание често ќе биде пресудно за одлуките на Банката.
Според најавите, само во десетте држави од југоисточна Азија, членки на АСЕАН до 2025 година АИИБ ќе инвестира над 600 милијарди долари во нови инфраструктурни проекти, со кои ќе се обезбеди најсовремено транспортно поврзување на овој дел на светот.