Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер денеска изјави дека Групата седум индустриски најразвиени држави треба на долг рок да ја прифати назад Русија.
Штајнмајер со тоа зазема различен став од канцеларката Ангела Меркел, која изјави дека Русија не може да се врати во групата.
По разговорите со украинскиот колега Павло Климкин, на три дена пред Самитот на Г-7 во Баварија, Штајнмајер изјави дека исклучувањето на Русија поради случувањата во Украина било неопходно.
Земјите од Г-7 САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Јапонија и Канада во 1998 година ја прифатија Русија во организацијата, но минатата година го замрзнаа нејзиното членство по анексијата на Крим.
– Не е во интерес на Г-7 Русија да остане исклучена од групата на долгорочен план, нагласи Штајнмајер, кој е коалициски партнер на Меркел од редовите на Германската социјалдемократска партија.
Според него еден поглед кон светот покажува дека постои потреба од Русија како конструктивен партнер за решавање на многу конфликти, како што е Блискиот Исток.
Германската канцеларка Ангела Меркел зазема поостар тон кон Русија. Во интервју за телевизијата Ер-Те-Ел таа изјави дека земјите од Г-7 споделуваат заеднички демократски вредности.
Климкин на прес-конференцијата повика Г-7 да упати јасни и едноставни пораки на Русија.