Американските научници ја откриле првата досега позната топлокрвна риба, пишува авторитетното научно списание Science.
Според објаснувањата на научниците, станува збор за примерок од длабинскиот вид риба Lampris guttatus, којашто уште се нарекува месечева риба (Moonfish). Таа има единствена способност да задржи висока температура на целото тело, слично како кај цицачите и птиците. Ова откритие се случило за време на проучување на океанската фауна недалеку од брегот на Калифорнија.
Месечевата риба може да генерира топлина благодарејќи на постојната активност на градните перки. За одржувањето на температурата на телото, пак, придонесува масниот слој, како и посебната структура на крвите садови коишто се наоѓаат во жабрите на овој вид риба. Оваа функција, според научниците, му овозможува на овој вид риби да им парираат на другите грабливци во длабочините на океаните, ги прави побрзи и поотпорни.
Според споменатиот напис во Sciеnce, научниците по фаќањето на рибата ја извеле на суво и направиле мерење на нејзината телесна температура. Се покажало дека средната температура на телот на рибата Lampris guttatus била повисока за околу 5 Целзиусови степени од температурата на водата во којашто била најдена.
Кај повеќето видови риби, инаку, телесната температура се совпаѓа со температурата на водата во којашто живеат, што од своја страна значително ги ограничува нивните биолошки функции при навлегување на постудена вода. Некои големи риби, како туните или некои видови ајкули, на пример, имаат способноста за привремено зголемување на температурата во мускулите за време на ловот, но по некое време тие мора да се вратат во топла вода за нормализирање на целокупната телесна температура.
Рибите од споменатиот вид живеат во океаните на длабочина од 50 до 200 метри, каде што температурата на водата не надминува 10 Целзиусови степени, и се хранат со мали риби, лигни и други поситни морски животни. Должината изнесува меѓу еден и два метра, а најголемите примероци понекогаш може да тежат и до 270 килограми.