Албанскиот премиер Еди Рама денеска негира дека се заканил со вето за приемот на Македонија во НАТО. На заедничката прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ во Тирана, Рама рече дека побарал само целосно почитување на Рамковниот договор.
– Нити сум се заканил, ниту сум прогласил став за вето, зборот вето вие сте го ставиле (новинарите) со помош на извесни политичари во Тирана. Ние сме членка на НАТО и зборуваме во име на НАТО, кога се зборува за тоа. Не е ниту закана ниту блокада, туку само став, изјави Рама.
За настаните во Куманово, албанскиот премиер оцени дека покажале колку е кревок мирот на Балканот.
– Неспорен интерес на Албанија и на Албанците во Македонија е територијалниот интегритет и функционирањето на Македонија, рече Рама.
За Албанија, според него, е неприфатливо загрозувањето на територијалниот интегритет на која било држава и смета дека тоа е неприфатливо за одржување на демократијата, стабилноста и мирот во регионот.
– Повреда на интегритетот и нефункционирањето на Македонија е неприфатливо за нас. Ние сакаме да се имплементира Охридскиот договор. Албанците и Македонците се конститутивни фактори, рече Рама.