Тајланд и Малезија денеска соопштија дека меѓу границата на двете држави ќе изградат кампови во кои ќе бидат прифатени над 7.000 илегални емигранти од Мјјанмар и Бангладеш. Речиси сите бегалци се припадници на муслиманското племе Рохингја кои во матичните држави живеат во голема сиромаштија и често се изложени на малтретирање од припадници на другите верски заедници, но и од властите на Мјанмар и Бангладеш.
Големиот број илегални емигранти сега се кријат во прашумите на островите во близина на Тајланд и Индонезија, а сите се жртви на трговија со луѓе во која се инволвирани криминални групи од повеќе држави. Државите од Југоисточна Азија се и под притисок на меѓународната заедница и ОН, чии претставници вчера соопштија дека има најмалку 25.000 припадници од племето Рохингја кои во првите три месеци на годинава избегале од Мјанмар и Бангладеш.
По откривањето на масовните гробници на границата меѓу Тајланд и Малезија и тајландската одлука да ја зголеми контролата во пограничните региони, дел од бегалците се обидуваат да најдат засолниште во западниот дел на островот Суматра, што и припаѓа на Индонезија. И натаму, нивна цел е Малезија, чија растечка економија, веруваат тие, може да ги прими и да останат тамо.