Најмалку 59 учесници на првомајскиот протест во главниот град на Малезија Куала Лумпур ја поминаа ноќта во притвор. Меѓу уапсените се и видни личности од опозицијата и лидери на организациите за заштита на човековите права.
Полицијата, според официјалното соопштение, реагирала затоа што учесниците на протестот не се придржувале до пријавените рути и локации на протестите.
Според весникот „Стар“, на вчерашните протести во Куала Лумпур на пет локации учествувале стотина илјади демонстранти, а полицијата не им дозволила вечерта да се здружат пред Конгресниот центар.
Меѓу уапсените е и поранешната претседателка на адвокатската комора на Малезија Амбига Сриневасан, која при приведувањето изјави дека протестите се дел од процесот во борбата за подемократска и поправична држава.