Невладината организација ЦИВИЛ соопшти на прес конференција дека на јавниот сервис денеска воопшто не било известувано за тековниот референдум за ГТЦ на кој гласаат граѓаните од Центар. Од ЦИВИЛ велат дека е неприфатливо и незаконски Македонската радио телевизија, која е сервис на граѓаните, да не ги информира за овој историски настан и демократски чин.
– Со разочарување можеме да констатираме дека огромен број од приватните медиуми, под контрола на власта, во целост го игнорираат референдумот за ГТЦ. Меѓутоа уште поразочарувачки и крајно неприфатливо е тоа што и јавниот сервис, сервисот на граѓаните, го бојкотира референдумот така што со ниту една своја содржина до сега ни од далеку не известуваа дека вакво нешто се случува. Ова е неприфатливо однесување и е во спротивност со статутот на МРТ, а е во спротивност и со законот – изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Оваа невладина организација од следи процесот со над стотина свои набљудувачи распоредени на 78 избирачки места во Центар. Дерала вели дека преку целиот ден се забележуваат активисти на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ како одат од врата до врата кај граѓаните за да ги дезинформираат дека референдумот е нелегитимен и да ги убедат да не излезат да гласаат. Во комбинација со однесувањето на медиумите, вклучувајќи ја и МРТ, Дерала вели дека станува збор за оркестриран обид да се опструира референдумот.
– Забележани се активисти на владејачката партија кои се обидуваат да ја спречат излезноста. Според информациите на граѓаните, тоа се партиски активисти. Имаат добра поткрепа од медиумите и јавниот сервис затоа што таму нема никаква содржина која би реферирала на некаков референдум. Очигледно се работи за оркестриран обид да се спречи излезноста – посочи Дерала.