Лавров: Русија ги вооружува Ирак и Сирија за борбата со Исламска држава

Од:

Русија им доставува оружје на Ирак и Сирија за да им помогне во нивната борба против Исламска држава (ИД), изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во денеска емитувано радио интервју и цитирано од ТАСС.

– ИД е нашиот главен непријател во актуелниот момент. Најмалку затоа што во нејзиниот состав војуваат стотици Руси, државјани на ЗНД,  Европејци и Американци. Ќе се борат малку таму, а потоа се враќаат и  изведуваат гадни нешта дома, рече министерот за руските радија „Спутник“, „Ехото на Москва“ и „Зборува Москва“.

– Ние им помагаме на Ирак и Сирија, можеби поефикасно од сите  останати, доставуваме оружје на нивните армии и на силите за безбедност, додаде Лавров, без да прецизира за какво оружје станува збор.

Тој подвлече дека САД не сакаат да признаат дека ИД се појави како последица на нивните активности, исто како и Ал Каеда на времето.

Според него, Русија предлагала  ИД да биде ставена на списокот на ОН за терористички организации, „но Американците  одбија“.

Сергеј Лавров констатира дека односите меѓу Москва и Западот се на нивната најниска точка во последните неколку децении заради  кризата во Украина.

Според него, Украинката Надежда Савченко, која се наоѓа во руски затвор, нема да биде ослободена во текот на размената на заробеници според Минските спогодби, а ќе биде судена во Русија. Во интервјуто тој искажа мислење дека доколку во Украина бидат пратени мировници на ОН, тоа ќе значи поделба на земјата на два дела.

Во однос на евентуалното вклучување на претседателот на САД Барак Обама кон „нормандиската четворка“ (претставници на Германија,Русија, Франција и Украина) Лавров рече дека ова прашање треба да биде адресирано кон францускиот претседател Франсоа Оланд, кој е иницијатор на „четворката“.

Првиот руски дипломат упати и обвинување кон САД – дека се обидуваат да ја попречат соработката на Русија со ЕУ, а исто така инсистираат на уривање на „спомениците на хероите од Втората светска војна во една источноевропска држава“, без да прецизира која е таа.

Шефот на руската дипломатија вели дека не е многу загрижен од санкциите на Запад против неговата земја, туку повеќе од „карактерот на односите“ на Русија со ЕУ и САД.

– Ние не сме заинтересирани тие (односите) постојано да се наоѓаат во кризна состоба, рече денеска Сергеј Лавров во радио интервјуто.

Би можело да ве интересира

ЕУ увезува руска нафта преку турските пристаништа

ЕУ: Русија да ги заборави замрзнатите средства и по укинувањето на санкциите

Седум лица загинаа, а осум се повредени во пожар во московскиот регион

ФСБ уапси две лица кои подготвувале терористички напад во Русија

Горан Наумовски

Под обвинение за примање мито уапсен e генерал на руската армија

Рјабков: Тврдењата на Пентагон за руско лансирање антисателитско оружје се лажни