Хашкиот притвореник Горан Хаџиќ, кого Трибуналот го пушти на привремена слобода заради лекување, ноќеска половина час по полноќ од белградскиот аеродром со полициско возило беше превезен во неговиот дом во Нови Сад.
Пред неговата куќа во Нови Сад во текот на вечерта беа собрани голем број новинари и фоторепортери кои можеа да го видат Хаџиќ во полициското возило со кое беше довезен од Белград.
На аеродромот, исто така, имаше повеќе новинарски екипи, на кои, меѓутоа, не им беше овозможено да го снимат излегувањето на Хаџиќх од авионот, но забележено беше засиленото присуство на полицијата.
Како што претходно вчера изјави адвокатот Зоран Живановиќ, на аеродромот Хаџиќ не можеле да го пречекаат ниту тој, ниту членовите на неговото семејство, наведувајќи дека полицијата од пистата директно ќе го префрли во Нови Сад.
Претседателот на Националниот совет за соработка со Хашкиот трибунал Расим Љајиќ вчера изјави дека за време на престојот во Србија државата е должна на Хаџиќ да му обезбеди адекватно лекување, но и дека таа врши контрола и надзор над неговото движење додека се наоѓа во Нови Сад и дека за тоа го известува Хашкиот трибунал.
Тој нагласи дека обврските кои државата ги презела со давањето гаранција за Горан Хаџиќ во целост ќе ги испочитува.
Живановиќ изјави дека Хаџиќ има тумор на мозокот, дека е можна само палијативна терапија со која ќе се забави напредувањето на болеста, а дека во мај треба да се изврши контрола на здравствената состојба и натамошната постапка.
Живановиќ потсети дека на Хаџиќ му се поставени услови постојано да престојува во Нови Сад, секојдневно да го посетува српската полиција, да не комуницира со медиумите и да не контактира со жртвите и сведоците.
Адвокатот на Хаџиќ додаде дека во моментов Хашкиот трибунал и натаму одлучува за барањето на обвинителството постапката против Хаџиќ да продолжи и дека се очекува таа одлука.
Хаџиќ е обвинет за злосторства против човештвото и кршење на законот и обичаите на војување во Хрватска од 1991 до 1995 година, а беше уапсен во јули 2011 година на Фрушка Гора и му беше испорачан на Трибуналот, каде при првото појавување пред судот се изјасни дека не е виновен ниту по една точка од обвиненнието.