По повод Светскиот ден на шегата, во галеријата „Остен“ денеска ќе биде отворена изложба „Панаѓур на суетата“ на карикатуристите од Бугарија Ала и Чавдар Георгиеви, кои работат заедно од 1982 година.
Тие се носители на повеќе од 30 национални и меѓународни награди. Реализирале пет самостојни изложби, објавиле авторска книга со сатирични цртежи насловена „Изгонети од рајот” и се автори на над 60 корици на книги.
Нивни творби се наоѓаат во Музејот на карикатурата во Базел, публикувани се во бугарскиот периодичен печат, како и во САД, Германија, Полска, Русија, Иран… Соработници се на списанието „Economist“ и „Intelligent Life“, а работат на секојдневна карикатура во весникот „Новинар”. Соосновачи се на Здружението „Cartoon art“ и на онлајн-медиумот „Fras Control“. Живеат и работат во Софија.
Изложбата ќе ја отвори Димитар Христов, директор на Центарот за култура и информации на Бугарија во Македонија, со чија соработка „Остен“ го организира настанот.