Владимир Милчин, Извршен директор во ФООМ и Професор по актерска игра на ФДУ во пензија, коментира за колумната на Никола Димитров, поранешен амбасадор на Македонија во САД и во Холандија и поранешен преговарач за името, со наслов „Ново сонце на слободата“, во која порачува дека ВМРО е преголем симбол за Македонија за да се дозволи да се претвори во срам за државата.
Еве што напиша Милчин: Мислам дека во текстот на Никола Димитров недостига став за најголемиот криминал што го направи сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето гласи: Каде се парите што ги искрадоа Груевски и фамилијата? И целата номенклатура на ВМРО-ДПМНЕ. Како ќе се вратат тие пари? И какви и колкави ќе бидат санкциите за лоповлукот на векот кој ќе ја остави Македонија и нејзините граѓани на питачки стап? Значи, не е доволно тие да се симнат од власт во партијата и во државата. Нема правда и нема мир дури не го вратат искраденото, измолзеното! Криминалот мора да се казни, а криминално стекнатиот имот мора да се конфискува. Тоа ќе биде тест за партијата која ја изневери светлата страна на своето име и се сведе на организација која со Македонија владее како што Ванчо Михајлов владеел со Пиринска Македонија, во која со пиштол и кама го вовел својот монопол врз тутунот. Груевски и неговите ја одбраа мрачната страна на ВМРО, страната која пактираше со фашистите, а потоа и со нацистите. Рехабилитацијата на таа мрачна страна, и не само во музеите во Скопје и во Штип, ќе биде камен на сопнување за оние кои (ќе) сакаат да ја вградат ВМРО-ДПМНЕ во обnовената македонска демократија.