Четири тениски игралишта, чија градба започна во четвртокот, ќе бидат дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт „100 Тениски Игралишта”.
„Во рамките на овој проект ќе биде формирана и тениска школа која ќе биде дел од спортската академија на ‘Борис Трајковски’ во која веќе има 14 активни школи. Се за кое се залагаме максимално е да ја промениме идеологијата во овој спорт, а прв чекор кон истото ќе ни биде ниска цена во школата кое не е пракса во другите школи. Во спортската академија имаме 1400 дечиња кои активно тренираат, а денес после 3 години развој, преку 3000-4000 граѓани циркулираат низ спортскиот центар во 17 спортски и 15 деловни објекти, а новите 4 тениски игралишта и аква паркот ќе бидат огромен придонес кон привлекување на повеќе луѓе кои ќе спортуваат и ќе бидат на стана од актуелните пороци со кои се бори целиот свет”, вели Ратко Капушевски, директор на СЦ „Борис Трајковски“
Игралиштата ќе бидат со сертификат од Интернационалната тениска федерација, со инфраструктурни приклучоци и рефлектори за одигрување натпревари во ноќните часови.
Тениските игралишта се оградени со жичана мрежа во висина од 3,40 метри и можат да се користат во вечерните часови, бидејќи ќе бидат осветлени со четири рефлектори поставени на височина од 12 метри. Околу терените пак, е изградена обиколна патека од бекатон плочки со широчина од 1,20 метри.