Национална географија
Кога е родено суеверието кое се однесува на црните мачки? Прочитајте ја приказната за тоа како овие животни од обожувани и галени миленици станале симбол на злото.
Црните мачки не биле од секогаш на удар на суеверија, ниту пак биле сметани за предвесници на несреќа. Всушност, во раното доба на Египет дури во 3000 година п.н.е. мачките биле сметани за ѕвезди на животинското царство и биле многу почитувани. Убивање на мачка се казнувало со смрт! Се до средновековна Европа, репутацијата на сите мачки, а посебно на црните мачки тргнала на лошо, бидејќи биле поврзувани со вештерки. Хистеријата за вештерките кои се служат со црни магии силно ја погодила Европа, а уличните мачки често ги хранеле и чувале сиромашни стари дами, кои биле обвинувани за вештерство.
Раѓање на митот
Нивните мачки сопатнички, од кои некои биле црни, се сметале виновни за вештерство. Верувањето станало посебно популарно кога една приказна за татко и син од Линколншир во 1560 година почнала да се шири со молневита брзина. Тие двајца наводно патувале една ноќ, кога црна мачка им го попречила патот и заземала ползечка положба. Тие потоа ја гаѓале со камења се додека беспомошното и повредено животно не побегнало во куќа на една жена, за која тогаш постоело сомневање дека е вештерка. Следниот ден, таткото и синот наишле на истата жена и забележале дека криви на една нога и дека има многу модринки, што никако не можело да биде случајно. Од тој ден во Линколншир се верувало дека вештерките ноќе се претвораат во црни мачки за да се шетаат слободно по улиците.
Ова станало едно од клучните верувања во ловот на вештерки во американскиот град Салем. Дури и денес, во тек на прославување на Ноќта на вештерките и црните мачки често се во тој мотив, наспроти почетните религиозни верувања на празникот. Така животното на кое човештвото порано се воодушевувало, станало симбол за претскажување на зло во многу делови во светот.
Сепак, во некои култури, на црната мачка сеуште се воодушевуваат и таа претставува симбол на среќа. Шкотланѓаните веруваат дека доаѓање на црна мачка пред домот значи просперитет, додека пиратите во 19 век верувале дека е лошо ако мачка се движи кон вас, но дека е добро ако си отиде од вас.