Една 33-годишна жена се породи во авион, додека леталото се наоѓало над Атлантскиот Океан на својот лет од Јордан до Њујорк.
При породувањето помогнале еден лекар и една медицинска сестра кои случајно се нашле меѓу патниците во авионот.
Властите на аеродромот во Њујорк соопштија дека 33-годишната Јорданка, Вера Џабер, која патувала сама, родила здраво бебе тешко 2,7 килограми.
– Според она што ни го раскажа лекарот, породувањето се случило многу брзо, изјави портпаролот на њујоршкиот аеродром „Џон Кенеди“, Џо Пентанџело.
Веднаш по слетувањето на авионот, мајката и новороденчето се пренесени в болница.
Според американското законодсвство, сите деца родени на територијата на САД автоматски добиваат американско државјанство. Но, во законите не е прецизирано дали оваа одредба важи и за децата родени во воздух на пат кон САД.