Илегалното производство на опиум во „златниот триаголник’’ повторно се зголемува, а оваа година е трипати поголемо од произведеното во 2006 година.
Во регионот на горниот тек на реката Меконг, на тромеѓата меѓу Лаос, Тајланд и Мјанмар годинава биле произведени 763 тони опиум, од кој се произведени 76 тони хероин, кој стигнал на илегалниот пазар. Вредноста на нелегално произведената дрога на локалниот пазар се проценува на 16,3 милијарди долари, што е повеќе од националниот приход на Лаос или Камбоџа.
Зголемувањето на илегалното производство на опиум, според проценките во објавениот извештај на Обединетите Нации, е последица на поголемата сиромаштија на жителите од овој регион, но и неможноста на властите да го спречи ваквото производство. Зголемената продукција, се смета во ОН, е и последица на порастот на наркозависници во Кина, каде во последниве пет години бројката на зависници од хероин се зголемила на милион и пол регистрирани.
Авганистан е и натаму најголем производител на опиум и хероин, но во југоисточна Азија во голем пораст е бројот на лабораториите кои произведуваат синтетички дроги. Се проценува дека во југоисточна Азија илегалниот бизнис со опиум и синтетички дроги остварува приход од над 36 милијарди долари.