Навременото ХИВ тестирање претставува најефикасно средство за превенција од ХИВ. Република Македонија има широко распространета мрежа на услуги за доброволно, доверливо и бесплатно ХИВ тестирање во 11 градови. Во последните години бројот на ХИВ тестирања е зголемен. Ова на прес-конференција го истакнаа од Асоцијацијата за здравствене едукација и истражување – Х.Е.Р.А., кои посочија дека се уште мал број граѓани самоиницијативно прават ХИВ тест.
– Апелираме правилно и редовно да се употребува кондом при сексуалниот однос и ги охрабруваме сите граѓани кои практикувале сексуален однос без кондом да направат ХИВ тест бидејќи сексуалниот начин на трансмисија се уште претставува доминантен начин на пренос на ХИВ, по кои следуваат преносот преку крвен пат и од ХИВ позитивна мајка на новороденче, истакна Тања Станкова, проектен координатор во Асоцијацијата.
Од денеска до 28 ноември се организира Европска недела на ХИВ тестирање, која претставува иницијатива на повеќе од 680 организации ширум Европа кои работат на полето на превенција од ХИВ. Во активностите на Европската недела се приклучува и ХЕРА со цел да информира и да ја зголеми свеста на општата јавност за придобивките од ХИВ тестирањето. Младинскиот центар „Сакам да знам“ Водно од денеска до 28 ноември нуди советување и ХИВ тестирање секој ден од 15 до 20 часот.
– Според последните европски статистички податоци, 50 отсто од оние кои се позитивни доцна се дијагностицираат, со што се доцни со пристапот кон третман. Доцната дијагноза се поврзува со здравствени комликации, додека оние кај кои ХИВ е рано дијагностициран, кога се третира како хронична инфекција, и кои навреме почнале со антиресторвирусна терапија, живеат долго и квалитетно, додаде Станкова.
На прес-конференцијата од ХЕРА промовираа видео за ХИВ тестирање и првата мобилна апликација која овозможува полесен пристап до ХИВ тестирање.