Бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември

Од:

На Клиниката за инфективни болести во 2023 година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, од кои 41 се на редовен антиретровирусен третман. Една третина од овие пациенти се откриени во доцна фаза од болеста, беше соопштено денеска по повод Европската недела на тестирање и месецот на машкото здравје која Инфективната клиника и ХЕРА ќе ја одбележат со кампања „Грижи се за себе“ и со бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември.

Секое трето лице што живее со ХИВ не го знае својот ХИВ-статус зашто луѓето не се тестираат од различни причини. Затоа, целта на кампањата е да се поттикнат и охрабрат мажи и момчиња ако се во ризик или превентивно да се тестираат на ХИВ, без разлика на која популациска група припаѓаат.

Д-р Велимир Савески од Инфективната клиника на прес-конференција денеска рече дека повеќето од новооткриените ХИВ-позитивни во оваа година се мажи и дека, за разлика од други години каде што најчесто биле мажи кои имаат сексуални односи со мажи, оваа година првпат има тренд на ХИВ-инфекција и кај хетеросексуалната популација.

Д-р Савески и Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, апелираа да се подигне јавната свест и да се надмине табуто за тестирањето за сексуално преносливи болести нагласувајќи дека превенцијата е најдобра и најевтина алатка.

-Затоа што постои терапија со која на навремено откриените пациенти им се овозможува нормален живот и просечен животен век ист како и кај ХИВ-негативните лица. Проблем е кога пациентот доаѓа со некаква клиничка слика која можеби не е препознаена на почеток, се тестира, се помислува на ХИВ и тогаш го откриваме пациентот дека е во доцна фаза од болеста односно во стадиум на СИДА. Тогаш лекувањето е потешко, понекогаш е потребно и болничко лекување, некогаш пациентите завршуваат на интензивна нега, рече д-р Савески.

Порача дека грижата за сексуалното и репродуктивно здравје треба да биде секојдневна и иста како и за здравјето генерално.

-Жените и девојчињата се поотворени за оваа тема затоа што системот веќе има воспоставено некаква грижа за нив зашто постојат матични гинеколози што се грижат за женското сексуално и репродуктивно здравје, додека машкото сексуално и репродуктивно здравје се уште е табу, за жал. И тоа еднаш засекогаш веќе треба да се смени и треба да го нормализираме тестирањето за ХИВ и за сексуално преносливите инфекции, истакна Савески.

На Инфективната клиника тестирањето за ХИВ може да се направи доверливо, рече тој, и секој може да дојде и да се тестира анонимно. Во ХИВ-амбулантата на Инфективна за пациентите има и психолог и социјален работник.

Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА, посочи дека во нивните младински центри „Сакам да знам“ веќе 17 години е овозможено тестирање за ХИВ и за различни сексуално преносливи болести. Во центрите се нудат и бесплатни кондоми, контрацепција и брзи бесплатни тестови за ХИВ, а во пакетот услуги што е овозможено во нареднава седмица е бесплатно тестирање и за сифилис, гонореја и кламидија. Препорачливо е претходно да се закаже на телефонскиот број: 3176-950.

-Тестовите се брзи, за 20 минути се добиваат резултати кои значат навремена терапија доколку се открие ХИВ-позитивен статус за да превенираме понатаму пренос на ХИВ и други сексуални инфекции, рече Матевска.

Нагласи дека треба да се зголемат средствата во буџетите за превенција и дека многу важна е едукацијата.

-Едукацијата и подигнување на свесноста е она што можеме дополнително да го направиме, затоа што фактите велат дека 36 отсто од младите кои се сексуално активни не користат заштита, не користат кондоми. Затоа ни е потребно и сексуално образование уште од најрана возраст. Така ќе влијаеме и на детабуизирање на овие теми, рече Матевска.

Во однос на трендот на ХИВ-позитивни во изминативе години, д-р Савески соопшти дека за време на КОВИД-пандемијата имало стагнација или недоволно откриен број на ХИВ-случаи кога и бројот на тестирања бил очекувано намален зашто Инфективната клиника тогаш беше голем КОВИД-центар.

-Во последниве години, како што заминува пандемијата, го имаме веќе бројот од 40-50 случаи годишно коишто се откриваат на Клиниката за инфективни болести и пациентите понатаму се третираат, додаде докторот од Инфективната клиника.

Би можело да ве интересира

Нови случаи на ХИВ и еден на СИДА во Македонија, сите се мажи на возраст 20 и 39 години

Орце Костов

За еден месец осум нови случаи на Сида – тројца странци со престој во Македонија

А1он

Маж во Британија заразил девојка со ХИВ, сега, 14 години подоцна, тој мора да оди во затвор

Генерал Игор Кирилов: Американците спроведуваат експерименти со ХИВ инфекција на украински војници

А1он

Иницијатива на млади луѓе за промена на името ХИВ за да се отстрани стигмата

Ана Ололовска

Во Бугарија има два до трипати повеќе луѓе заразени со ХИВ отколку што се официјално регистрирани