Што не е во ред со младите денес?

Од:

„Младите денес“ е општа и ретко дефинирана фраза која често се слуша во секојдневниот говор, главно употребувана од страна на тие кои повеќе не се чувствуваат млади. Наизглед поконкретна и социјално позагрижена е уште една популарна фраза Загрозената младина. Факт е дека во време на криза, економска, политичка, културолошка, лошата состојба се одразува и на младите луѓе и на нивните (од објективни услови ограничени) животни избори.

Но, проблемот во категоријата Младите денес и тесно поврзаното Загрозената младина, настанува кога за младите се генерализира на груби начини, кога за нив се мисли и се зборува како за дело на популација која едноставно не знае што да прави со себе, или која е подложна на самодеструкција. Така често патологизацијата се огледува во морализирање за однесувањето на младите кои, по игра на случајот, наследиле пореметен свет токму од тие кои сега се поставуваат како морални авторитети.

Со голо око, на пример се забележува релативно нов тренд во регионалната филмска индустрија, филмови кои се вртат кон тематика на субкулутурата на младите, па преку репрезентација на категоријата загрозена младина (која често се постоветува со деликвенција) да се допре саканото ниво на општествената критика или на политичката ангажираност. На пример, неодамна на неколку фестивали се прикажуваше нов српски филм Варвари на Иван Икиќ, кој се бави со прашањето на хулиганството и екстремните десничарски субкултури на скинхедстите. Натписот во британскиот весник Гардијан овој филм го опиша како аутопсија на нихилизмот и деструктивноста на српските тинејџери.

По игра на случајот, Варварите стилски и тематски делуваат како комбинација на два други понови филмови за загрозената младина, како Шишање на Стеван Филиповиќ од 2010 година и Клип за Маја Милош од 2012 година. Со темата на субкултурата или загрозената младина, или комбинација на една и друга, се бавеа и Метастази на Бранко Шмид во 2009, Живот и смрт на порно бандата на Младен Ѓорѓевиќ во 2009 година, Тилва рош на Никола Лежаиќ во 2010 година, Флеки на Алдо Тардози од 2011 година, Соблекување на Коста Ѓорѓевиќ во 2013 година и Непослушни на Мина Ѓукиќ од 2014 година. На оваа листа може да се додаде и филмот Децата на Ада Бегиќ од 2012 година, иако приказот на воените сирачиња како своевидна субкултура се издвојува поради тоа што на таква субкултура се припаѓа секако без сопствен избор. Сите наведени филмови ја користат категоријата Загрозена младина, да дадат своевидна критика на општеството кое своите млади ги напушти, што е потфат вреден за внимание. Но, кога младите на денешен филм се прикажуваат исклучиво како деликвенти, лесно може да се создаде проблематичен стереотип кој ја патологизира младоста како таква и негира некои позитивни елементи на бунт, на тој неизбежен дел од растењето и созревањето.

Субкултура и бунт: што има расизмот со тоа?

Корисна и прилично едноставна дефиниција на субкултурата вели дека тоа е група на луѓе со култура видлива или скриена, која ги одвојува од мнозинството на културата на која припаѓаат. Културата, во поширока смисла на зборот, е систем на симболи, значења и структури кои даваат смисла на светот околу нас. Значи, таа во таа смисла е на секаде и се произведува на често несвесни начини.

Субкултуралните групи се дефинираат како групации кои имаат своја идиосинкратична култура која ги одвојува од мнозинството. Субкултурата, секако не настанува во вакуум, туку се реферира на доминантната култура како таква, било да стои во нејзина опозиција, или некои од нејзините скриени тенденции да ги прави очигледни.

Прашањето на субкултурата на скинхедсите тука е посебно интересно, бидејќи во денешната регионална политичка состојба тешко може да се утврди дека нивниот про-фашистички став е во голем расчекор со доминантната култура која негува, поддржува и поттикнува поделби на етно-национално ниво веќе долги години. Скинхедсите не се косат со официјалните политички ставови на етно-националните државни политики, туку ги буткаат во нивниот логички екстрем – исклучување до истребување. Значи, оваа субкултура ги прави очигледни некои од општо присутните, а сепак често премолчени тенденции на нашите политички, а често и културни елити.

Значи, затоа е многу важно и филмот да се бави со прашањето на односите на скинхед групите и таквите државни политики, да може да се дојде до сржта на проблемот. Па сепак, гледајќи ги филмовите за скинхедсите, не можам а да не почувствувам ниво на морализирање на ангажираните режисери кои одлучиле да повлечат со голо око, можеби и премногу јасна и неиспрекината линија меѓу наследството од војната, етно-националните политики и насилните субкултури. Проблемот не е во прикажувањето на таа врска, бидејќи таа секако постои. Проблемот е кога наследството на етно-националните политики и војни се користи како изговор за припадниците на постарите генерации од некаква морална висина да гледаат на младите денес и да го критикуваат нивното незнаење. Оваа тенденција може да се види во филмот Шишање, во кој се чини дека на младите денес единствена опција им е да станат скинхедси, ако сакаат да го достигнат нивото на социјалните актери.

Иако ова е провокативен став вреден за внимание, филмот Шишање му приоѓа од премногу морализаторска перспектива за да се добие ефектна слика на тие кои се приклонуваат кон неофашизмот како можеби една од можните опции. Патологизацијата не е најпродуктивен начин на општествената критика, бидејќи таков процес по правило го држи тој што врши дијагноза одвоен од проблемот, дури над проблемот. Но, бидејќи објективноста генерално не постои, би било можеби поинтересно да се внесеме во проблематиката на еден поинтимен начин кој би оставил простор на авторот да ги согледа и сопствените предрасуди, а не само предрасудите на другите.

Патологизацијата на субкултурите на младите во регионалниот филм се гледа и во филмовите кои не се бават само со хулиганството како такво. Да речеме добар пример е контроверзниот филм Клип, филм кој предизвика морална паника поради експлицитните сцени на секс во кои учествува малолетна протагонистка. Ако ги тргнеме настрана тие експлицитни сексуални активности, за мене многу поголем проблем е што овој филм ни сугерира дека сексуалната активност кај младите (и тоа под влијание на алкохол, дрога и тој ужасно опасен турбо фолк) е индикација на патологија која ја произведува нивната општа општествена запоставеност. Бидејќи, кое здраво општество би ги оставило младите на цедило, да танцуваат во зачаден клуб со звуци на Цеца?

Ако чувствувате призвук на иронија во ова прашање, вие сте на добра трага. Ниту еден облик на културно изразување по некаков дифолт не е патолошки, па така и тој фамозен, општо-демонизиран турбо фолк. Па зарем такви аргументи за демонизација на младите низ културата не се користени за секоја генерација на младите денес, барем од појавата на рок енд ролот, таа ѓаволска музика? Првите повлијателни студии на субкултурата потекнуваат токму од повоеното време на појавата на овој музички жанр во Велика Британија, кога Модси, Теди, а потоа и панкерите ја преплашија фината буржоазија скриена зад куќички со цвеќе. Денес пак многу со носталгија гледаат на таквите субкултурни движења и нивниот бунт, па е лесно да се заборави дека тие во свое време за многумина претставувале закана и индикација дека со младите денес нешто опасно не е во ред. И така во круг.

Секако, не мислам дека еден ден со носталгија ќе гледаме на денешните скинхедси. Но, наместо да ги објективизираме и патологизираме од возвишена и сугурна дистанца, можеби би било поефектно следниот скинхедс кој ќе го сретнеме да го потсетиме (или подучиме на тоа) дека изворите на оваа субкултура се во британската работничка класа и дека оваа група во својата формативна фаза била под големо влијание на друга субкултура, изразната во рамки на британската имигрантска дијаспора од Карибите, посебно Јамајка, субкултура руд боис или руди, како и растаман и реге изразувањето. Бунтот предизвикан од материјалната состојба, значи, во случајот на скинхедсите бил изворен. Екстремниот расизам се додал подоцна, како тоа што обично се случува. Така, ете, по којзнае кој пат се враќаме на Марксовиот основен модел на економската база и идеолошката надградба, или барем на неговата рефлексија во микрокозмот наречен субкултура.

Секс, дрога, рокенрол (и полот)

Кога зборуваме за субкултури, прашањето на полот е многу важно, бидејќи девојките, по правило, многу ретко се прикажуваат како учеснички на вакви групи. Британската теоретичарка Ангела МекРоби смета дека причина за тоа е фактот дека мажите традиционално го окупираат јавниот простор на видливи начини, па така субкултурите како такви често ги доживуваат како исклучиво машки, токму поради поголемата јавна видливост. Ова објаснување, важно за времето во кое излегла легендарната книга за субкултурите Resistance through Rituals т.е. Отпор преку ритуали (1976), во прва рака може да се чини застарено.

Но, бидејќи јас лично сум многу скептична кон моменталната парадигма за величење на постфеминизмот, сметам дека е важно да се размислува за тоа како девојките се уште имаат ограничен пристап до јавната сфера, или јавниот простор. МекРоби откри дека девојките, барем во повоена Британија, се групираат во субкултури во поинтимни простории на своите домови, посебно во собите за спиење, на пример.

Такви тенденции секако можат да се видат и во филмот Клип, во кој девојките навистина поминуваат многу време дружејќи се во своите спални соби, па јас верувам дека филмот и не би бил толку осудуван ако девојките и останале дома, ако знаете на што мислам. Проблемот настанал кога отишле во клуб да пијат, да ја слушаат Цеца и да најдат момчиња за секс. Значи, кога станале видливи во јавниот простор и ја изразиле својата сексуалност. Ваквите налик добронамерни критики на филмот ги дисциплинираат девојките во оној момент кога тие извршуваат трансгресија на традиционалните поставки на работите според кои треба да ја поврзат својата сексуалност исклучиво за домашната интима и да ја чуваат својата невиност, веројатно за брак, а по можност и да слушаат некоја покултурна музика, читај: рокенрол.

Ако портретот на девојките во Клип се третира како приказ на една субкултура (во овој случај клупска култура) се отвораат интересни перспективи на улогите на половите во динамиката на односите кои ги прикажува филмот – од девојките меѓусебно, до садо-мазохистичкиот однос кој главната протагонистка Јасна го развива со Ѓорѓе. Јасна покажува отворена одвратност кон динамиката на односите на своите родители, болен и немоќен татко, исфрустрирана и загрижена мајка како глава на семејството. Можно е таа како единствен можен начин да го избегне тој шаблон да го гледа во врска во која ќе се препушти на контролата на често немилосрдниот Ѓорѓе. Но, како што одамна го утврдиле теоретичарите на субкултурите, овие групи често се основаат како контра родителска култура, но ретко кога можат ефектно да ги решат парадоксите на тие исти родителски култури, токму поради тоа што субкултурната активност има свој рок на траење и не може да претставува трајна структура на живеење, туку само привремено бегство. Така Клип открива, на провокативен начин, како во младиот живот на девојката се создава и во исто време се оневозможува отпор, бидејќи за Јасна единствено достапно бегство од депресивната родителска култура е во мазохистичкото препуштање на доминација на партнерот, полова доминација, која значи не може лесно да се опише како предизвик на статус кво.

Дали некаде има млади кои се прикажуваат сами себе?

Бидејќи прашањето за експлоатацискиот поглед во приказот на субкултурата на младите е нерешено во Клип, за крај би се осврнала на еден филм, кој според мене, успева да ја прикаже субкултурата на младите од многу ангажирана и во исто време неосудувачка перспектива. Тоа е филмот Тилва Рош, на режисерот Никола Лежаиќ, кој тој се одлучил да го направи кога видел аматерски видео запис на два тинејџера од Бор, во кој двајцата скејтери се изложуваат на разни мазохистички егзибиции по примерот на Jackass на МТВ.

Лежаиќ и самиот од Бор, во својот филм ги ангажирал Стефан Ѓорѓевиќ и Марко Тодоровиќ, да се глумат сами себе, па темата на филмот е со вистински ситуации од нивните животи. Тилва рош се позиционира како колаж-филм кој често ја дава камерата во рацете на самите скејтери, па со тоа ги повикува гледачите да се внесат во нивна перспектива, а не само да ги гледа, или да ги проценува од дистанца. Ова е пример на grassroots филм, или приказ на млади во кои тие имаат еднаква, ако не и повеќе контрола на стилските, визуелните и наративните елементи на филмот од самиот режисер.

Во таа смисла, Тилва рош, според мене, моментално е нај успешно дело за приказ на субкултура на младите, или загрозената младина, со неосудувачки и неексплоатациски перспективи и пример дека такви не-морализаторски филмови за младите и тоа како можат да се направат. Овој мој став можеби ќе се промеи со налетот на нови филмови од овој моментално популарен под-жанр на регионалниот филм, бидејќи како што стојат работите, сосема сигурно ќе има нови примери. На крај останува само еден потсетник – фактот дека секоја генерација на млади е патологизирана на овој или оној начин, низ призма на морализаторски став на доминантната култура на возрасните. Да го имаме тоа на ум, следниот пат кога ќе гледаме филм за младите денес.

Бука – Сараево

 

Би можело да ве интересира

Момче од Бања Лука стана хит поради „костумот“ за матурската забава

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Неверојатно: Ја слушала навигацијата и со автомобилот паднала во море

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Српска водителка: „Србија е двојно помала, можеби дури и повеќе од двојно помала од Америка“

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Човек отвори контејнер, а од него излезе мечка: Се уплашија еден со друг, па почнаа да бегаат

Ана Ололовска

ВИДЕО: Работник го поправаше крилото со селотејп пред да полета авионот, патниците збунето го гледаа

Ана Ололовска

Автомобил слета на првиот кат од куќата и за малку ќе завршеше во спалната соба: Како успеа да го направи ова?

Предраг Петровиќ