Малезиската национална авиокомпанија „Малезија ерлајнс“, која годинава ја погодија двете најголеми авионски несреќи, не може да се оттргне од проблемите и да го поправи својот паднат рејтинг.
По мистериозното исчезнување на Боингот што леташе на линијата Куала Лумпур-Пекинг и уривањето на авионот на оваа компанија над Украина, скандал ја потресе компанијата поради сега објавен инцидент, што во авион на „Малезија ерлајнс“ се случил во август годинава.
На 22 август, патничка на компанијата на летот Куала Лумпур – Париз пријавила сексуално насилство на еден од стјуардите. Иако менаџментот сакал да го прикрие инцидентот, нудејќи и на патничката висока оштета, настанот се најде во медиумите. Малезиската компанија одговори дека сеуште се испитува случајот, а стјуардот веднаш бил суспендиран.
„Малезија ерлајнс“ по двете несреќи ги спушти цените на своите услуги и води ретко интензивна кампања за привлекување на патниците, но и натаму е еден од најголемите губитници во малезиската економија.