Со време некои поими и зборови го менуваат своето значење, преоѓајќи од нешто што е негативно во нешто што е позитивно. Таков е случајот со поимот страст, за кој денес многумина мислат дека означува силно уживање. Затоа страста е посакувана во емотивниот однос, односот кон работата или кон животот.
Тоа што колективно е заборавено и потонало во нашето колективно несвесно е знаењето дека именката страст доаѓа од глаголот да се страда, т.е. настрада. Исто така, во латинскиот јазик, пасиио доаѓа од зборот пати, што значи мака, трпење. Од овој корен настанал и зборот пасивност, состојба на стрпливост.
Луѓето се страсни кога нешто со кое се занимаваат го ценат како најголема животна вредност. Последица е дека најмногу уживаат кога се занимаваат со тоа, а најмногу трпат кога тоа им е оневозможено. Според тоа, поимот страст не подразбира само уживање, туку и стрпливост.
Зошто страста била негативно означена? Затоа што тој кој на нешто се посветува толку страсно ги занемарува сите други животни вредности. Страсно вљубено лице тешко мисли на нешто што не е поврзано со лицето во кое е заљубено. Ако таков човек страда поради што што љубовта не му е возрватена, тој исто така тешко се концентрира на било што друго освен на причината за своето страдање. Долготрајното игнорирање на другите важни аспекти од животот и општествените улоги на крај се завршува со некоја форма на страдање. Тоа е и причина зошто страста и разумот кој проповеда умереност, се спротивни концепти.
Последните години страста се афирмира и се препорачува како однос кој треба да го имаат вработените во компаниите кон својата работа. Страсната посветеност на работата подразбира дека лицето во таа дејност ужива, дека работи квалитетно, дека на тоа посветува многу време, што за последица има успех и финансиски напредок. Како и секоја страст така и страста кон работата или деловниот Ерос содржи еден скриен проблем. Страсните вработени кои своето време го посветуваат во градење на својата кариера нужно ги запоставуваат другите аспекти од животот и другите општествени улоги. Тоа може да доведе до тоа по неколку децении да заклучат дека тоа било добро за корпорацијата, но не и за нив како лица.
Да се потсетиме на животот на нашиот голем научник на чија пронаоѓачка страст сите толку многу должиме – Никола Тесла. Како што е познато, тој целосно се поистоветил со улогата на физичар и пронаоѓач така што немал приватен живот. Начинот на кој свесно избрал да го води својот живот, ни дава право на него да гледаме како на херој кој се жртвувал за да даде повеќе на човештвото, но исто така можеме да се запрашаме дали толкаво жртвување на приватниот живот било добра одлука.
Ако сте родител, дали би сакале вашето дете херојски да живее како Никола Тесла, или да живее хармоничен живот на обичен смртник?
Политика – Белград