Еден од главните фокуси во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е здравството. Целта е обезбедување значително поквалитетна здравствена услуга за сите граѓани. Заложбата, посветеноста и трудољубивоста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е секојдневно ставена на увид на јавноста.
Навремено информираме за сите активности, промени и статус на проектите кои ги предвидовме во програмата за здравство.
Ова денеска на прес-конференција во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ го истакна директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова, која рече дека активно работат да придонесат за подобро здравје на граѓаните и да има поквалитетна здравствена заштита.
– Кога има потреба од лекување, сакаме да овозможиме најквалитетна здравствена услуга, со најмодерна апаратура, со високо квалификуван и задоволен кадар, во достоинствени и репрезентативни здравствени објекти. Во овие 100 дена, паралелно работиме и на нашите тековни обврски и ги реализиравме проектите кои ги ветивме. Зборувам за проекти кои се огромно олеснувања за осигурениците, а се резултат на соработката со здруженијата на пациенти, со здравствените работници, и се должат на слухот и разбирањето во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, посочи Парнарџиева Змејкова.
Во првите 100 дена од формирањето на Владата, преку Фондот за здравствено осигурување од вкупно 33 проекти што треба да се реализираат во следните 4 години, нагласи таа, веќе реализирани се 7 проекти, а за сите останати започнати се подготовките и нивната имплементација ќе тече согласно ветеното.
Појасни дека дополнително на тоа, се реализирале и уште четири проекти кои не биле ветени, но се за доброто на сите граѓани.
– По барање на лицата со ретки болести, овозможивме соодветната храна наменета за тие лица , да е на товар на ФЗОМ, заштедувајќи им значителни финанансиски средства кои до скоро ги трошеле од својот буџет. За осигурениците кои имаат тешки заболувања како мултиплекс склероза, ревматоиден артрит, онколошките заболувања кај деца, овозможивме медицинска рехабилитација на товар на Фондот. Автоматски ги пријавуваме и одјавуваме осигурениците вработени во фирми (и нивните фамилии), благодарение на законски измени и електронско поврзување меѓу ФЗОМ и АВРМ, или неделно им заштедуваме на фирмите 10.000 доаѓања во Фондот, рече Парнарџиева Змејкова.
Организираме, укажа таа, редовни едукативни средби со пензионерите низ цела Македонија, со цел правата на осигурениците да им ги доближиме на највозрасните (досега спроведовме 12 работилници, а ќе одиме во секој град).
Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е насочен кон интересите граѓаните, еден од проектите – поблиску до граѓаните, значи постојано отворање на истурени шалтери на ФЗОМ во сите општини во Скопје, а во 100-те дена отворивме во Дојран, во Кривогаштани, Демир Капија и Богданци.
ВМРО-ДПМНЕ, истакна, се грижи за својот народ и преку проектот за рационално користење на антибиотици, особено работиме на намалување на непотребното користење на антибиотици.
– Владата е активен учесник во сите актвности и напори за подигање на свеста за рационална употреба на антибиотици и е партнер на Светската здравствена организација во борбата за здрава нација и здраво поколние. Исто така, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не заборава и на ранливите групи на граѓани, а преку проектот Фондот се грижи за хендикепираните лица. Веќе во оваа институција работат пет лица со цел да се доближиме до маките на оваа група осигуреници, рече Парнарџиева Змејкова.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Парнарџиева Змејкова, не вети, но особено посветува внимание на превенцијата. Според неа, искуството постојано го потврдува правилото дека подобро е да се спречи, отколку да се лечи, а превеницијата резултира со здрава нација, која е еден од врвните приоритети на секоја Влада.
– На здравството веќе не сакаме и не смееме да гледаме само како на потрошувач, туку пред се, како на контрибутор за создавање подобра економија и благосостојба на населението. За прв пат се воведе примарна превенција, рано откривање – скрининг на здравата популација и секундарна превенција – квалитетно следење на хроничните болни. Матичните лекари ги канат своите осигуреници да направат превентивни прегледи за трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларни заболувања, дијабетес и бубрежни заболувања. Наскоро, за прв пат, ќе се објават и првите податоци и статистика за здравјето на нашата нација, и како да делуваме, истакна Парнарџиева Змејкова.
Дополнително, укажа таа, се реализира и електронско набавување на извод за новороденчиња, дониран мебел за најголемите болници и родителски дом за родителите чии дечиња боледуваат од леукемија.
Информира дека во блиска иднина планираат да ги реализираат исклучително важни и ветени проекти: со цел комплетно истиснување од потребата да се дојде во подрачните служби на Фондот, се ќе биде овозможено да се завршува електронски, набрзо планираат да го променат и механизмот за задолжителната пререгистрација на лицата со ниски примања во Фондот, преку службена комуникација меѓу институциите, укинувајќи го задолжителното доаѓање на граѓанинот, планираат нови лекови на рецепт достапни за пациентите, крај на дискриминацијата на иселениците уште од времето на социјализмот.
– Сакаме да направиме поефикасен, административно поедноставен здравствен систем, систем кој е наменет за нас и за нашите деца, додаде Парнарџиева Змејкова.