Али Ахмети, во писмо до новиот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му честита за функцијата и го повикува да се вклучи, заедно со другите меѓународни пријатели на земјава, директно и активно во олеснувањето на процесот во решавањето на прашањето за името меѓу Скопје и Атина.
„Улогата на НАТО за Македонија и регионот е многу значајна и ние сме благодарни за овој придонес што донесе мир преку Охридскиот договор заедно со сите достигнувања на земјата до денес. Но, нашата заедничка задача ќе заврши само кога Македонија ќе се построи заедно, рамо до рамо, со сојузниците во Брисел. Повторувам, за сите нас при ДУИ, НАТО нема алтернатива, бидејќи овој интегративен процес обезбедува одржлив мир, сигурност и стабилност, просперитет и економски развој“, пишува Ахмети кој е убеден дека блиската соработка со пријателите во НАТО ќе се продлабочи уште повеќе.
Ахмети пишува дека членството на Македонија и регионот во НАТО не e провокација кон никого, туку претставува исполнување на очекувањата на граѓаните во нашата земја и овој процес e еднонасочен пат од кoj нема враќање.
„Македонија нема друга иднина освен НАТО и ЕУ. Ова е ветувањето на сите политички партии во земјата пред гласачите и додека ова не се исполни, не можеме да кажаме дека ние сме ги исполниле нашите обврски, но исто така ниту меѓународната заедница не ја завршила својата работа во кревкиот регион на Западен Балкан“, пишува Ахмети, кој во истото писмо му се заблагодари на претходникот на Столтенберг, Андерс Фог Расмусен, за „неговиот придонес и одлична работа во управување на Алијансата“, пишува Ахмети.