Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), изрази загриженост за за ситуацијата со религозните и етничките заедници на Блискиот исток, посебно во Сирија и Ирак, која повеќе не може да се нарече „загрижувачка“ туку „безнадежна“, во момент кога терористичката организација „Исламска држава“ продолжува да сее смрт и уништување, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
ПССЕ усвои резолуција во која како прв приоритет од земјите членки на СЕ бараат да се стави крај на масакарите и да се врати мирот во регионот. Во резолуцијата се изразува и длабока загриженост поради фактот што околу 3.000 млади Европјани во моментов се борат на страната на исламските интегристи во Сирија и Ирак и затоа се бара од државите членки на Советот на Европа да ги зголемат напорите за да ги идентификуваат истите и да ги откријат мрежите за нивна регрутација.
Исто така се бараат да се утврдат изворите преку кои се финасира таа терористичка организација, да се неутрализарираат и санкционираат.
ПССЕ констатира дека хуманитарните мисии се недоволни и дека станува за досега невидена хуманитарна катастрофа, барајќи зголемување на хуманитарната помош за бегалските логори во Ирак, Сирија, Либан, Јордан и Турција.
Од меѓународната заедница е побарано изработка на програма за реконструкција на погодените зони, со соодветен светски план, координиран од ООН. Се бара инклузија на сите нивоа, како во Ирак, така и во Сирија за да се избегнат случаите на прекумерна употреба на сила и дискриминација на која се изложени религозните и етничките заедници од страна на претходните влади. Се бара и да биде поддржана актуелната ирачка влада.