Грузија на претстојниот самит на НАТО во Велс ќе добие пакет за соработка, кој предвидува отварање во земјата на воен-тренинг центар на Алијансата и одржување на заеднички воени вежби на грузиска територија, изјави денеска во Тбилиси грузискиот министер за европска и евроатланска интеграција Алекси Петриашвили.
Тој ќе биде во составот на грузиската делегација на самитот во Велс, која ќе биде предводена од претседателот Гиорги Маргвелашвили.
Министерот за надворешни работи на Грузија Маја Панџикизе изјави пред полетувањето на делегацијата дека од самитот во Велс Тбилиси очекува „сериозна порака од земјите на НАТО за тоа дека Грузија се повеќе ќе се приближува до Алијансата“.
Шведска ќе стане една од петте земји, кои на самитот ќе добијат нов статус во односите со Алијансата, пишува денеска шведскиот весник „Свенска дагбладет“.
Финска, Автралија, Грузија, Јордан и Шведска ќе добијат т.н. „зелен билет“ и ќе бидат сметани за „партнер број еден“, што значи највисока позиција без фактичко членство во НАТО.
Според информацијата на весникот Алијансата ги отвора вратите за проширена соработка со овие земји, меѓу другото на подрачјата како разузнавање и учество во планирање на заеднички воени вежби, вклучувајќи ги и силите за брзи интервенции во кризни ситуации.