Министерот Муцунски на министерски состанок на НАТО во Брисел

Од:

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денеска учествуваше и се обрати на министерскиот состанок на земјите-членки на НАТО, што се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел, информираат од Министерството.

На состанокот била потенцирана важноста на Западен Балкан како регион од стратешко значење за НАТО и Европската Унија, со акцент на потребата од побрза интеграција на регионот во Унијата како суштински елемент за регионална и европска стабилност.

Министрите ја реафирмирале важноста на стратешкото партнерство меѓу двете организации и нивната комплементарност во напорите за обезбедување траен мир и стабилност во евроатлантската област.

– Од страна на министрите беше нагласено дека посилен европски столб во рамките на силна НАТО Алијанса ќе придонесе за дополнително зајакнување на трансатлантската стабилност. Во оваа насока беа поздравени новите иницијативи на ЕУ за јакнење на одбранбените капацитети, при што беше нагласена потребата од вклучување на сојузниците од НАТО кои не се членки на ЕУ, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Дополнително, била изразена силна поддршка за напорите на САД за постигнување траен мир во Украина преку дипломатски пат и дијалог. Потврдени биле и заложбите за зголемување на буџетските издвојувања за одбраната, како и зајакнување на капацитетите и способностите за градење колективна безбедност и одбрана, со цел поефикасен одговор на заедничките закани и предизвици.

На маргините на состанокот, министерот Муцунски остварил кратки билатерални средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и со колегите министри од Обединетото Кралство, Холандија, Романија, Германија, Италија и Црна Гора. Разговараа за прашања поврзани со регионалната стабилност, безбедност и мир.

Би можело да ве интересира

Финска го отфрли наводното руско барање за напуштање на НАТО

Москва не се откажува од барањата од 2021 година: НАТО да се врати на границите од 1997 година

Москва предлага пакт со НАТО

Авиони на НАТО двапати се обидоа да соборат беспилотно летало над Литванија, но не успеаја

САД, Украина и Русија подготвуваат конкретни предлози за трилатерални преговори

Москва: НАТО го претера со воените активности покрај руските граници