Многу луѓе денес се идентификуваат како зависници од порнографија, изјави Џошуа Грабс, психолог на универзитетот во Кливленд, на неодамнешниот одржан годишен собир на американски психолози.
Грабс укажува дека, ако на сајтот Амазон се бараат книги за зависност од порнографија, ќе се прелистаат околу 1.900 наслови, од кои половината се наоѓаат во категоријата на религиите и духовноста, додека останатите се вброени во подрачјето на психологијата и самопомошта.
– Зависноста од порнографија е многу недефинирана бидејќи не постои официјална дијагноза – вели Грабс, кој заедно со колегите спровел две истражувања за да утврди дали постои врска меѓу религиските верувања и перцепцијата на зависност од секс.
Во првото истражување учествувале млади студенти од три американски универзитети, додека во второто испитаниците биле постари лица.
Во текот на истражувањето учесниците биле испитувани дали гледаат порнографија, па ако одговориле потврдно, дали се сметаат за зависници од неа.
Исто така се испитувало дали анкетираните се верници, колку им е важна верата, во колкава мера можеле да ја контролираат употребата на порнографијата, колку далеку биле подготвени да одат за да дојдат до порнографија и што мислат за неа од морална гледна точка.
Двете истражувања покажале дека верниците помалку ја користат порнографијата, а тие кои биле изложени на неа тоа го правеле во иста мера како и атеистите.
Исто така, верниците почесто изразувале негодување поради неморалот во порнографијата и почесто сами се нарекувале зависници.
– Наспроти фактот дека верниците се чувствуваат повеќе зависни од порнографија, тие ја користат исто колку и неверниците – изјави Грабс додавајќи дека тие веројатно само се чувствуваат како зависници затоа што во основа ја осудуваат.