Фармерите ќе ги пријават штетите од болеста „син јазик“ кај добиткот по што соодветни комисии ќе ги разгледаат и постапката ќе продолжи согласно законот, рече денеска ресорниот министер Михаил Цветков, одговорајќи на новинарско прашање дали се планира обесштетување на земјоделците кои претпреа загуби од појавата на „син јазик“.
Стивнување на болеста се очекува со доаѓањето на есента кога ќе се намали и бројот на комарците кои се преносители.
– Болеста „син јазик“ се шири, лек нема, но очекуваме нејзино стивнување со доаѓањето на есента и намалување на бројот на комарците кои се главни преносители. Засега се регистрирани 197 жаришта, заболени се околу 2.000 овци, додека смртноста е 20 отсто, истакна Цветков.
Воедно најави дека Министерството за земјоделство ќе го стимулира производството на добиточна храна за да го поттикне развојот на сточарството, односно за да го зголеми производството на месо и млеко.
– Нема друго решение за поголемо производство на месо и млеко, освен создавање услови за поголемо производство на добиточна храна. Имаме стратегија, но треба време, подвлече Цветков.
Тој посочи дека преку проектот на УСАИД кој инвестира во системи за навднување „капка по капка“, производството на пченка повеќекратно се зголемува, од досегашните 12 на 17 тони на хектар во Битолско. Проектот е вреден пет милиони долари.
Потребите од пченка во Македонија ќе бидат задоволени ако 7.000 хектари се наводнуваат со системот „капка по капка“. Ова, според пресметките, би чинело 17 милиони евра. Направен е план ова да се реализира за седум години.