Францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус изјави дека рускиот хуманитарен конвој со храна и лекови за жителите на Луганск и Донецк, што денеска се упати кон овие источноукраински региони, може да биде искористен како „вовед за воена интервенција на Москва“ во Украина.
Изјавата на Фабиус доаѓа откако од рускиот главен град денеска тргна конвој од околу 300 камиони со две илјади тони хуманитарна помош, која вклучува житарки, детска храна, генератори за струја, лекови и разнни други прехранбени производи. Планирано е конвојот со товарни возила да стигне до границата за околу два дена.
Црвениот крст претходно предупреди дека ситуацијата во источните делови на Украина, зафатени со воените судири меѓу украинската армија и проруските сепаратисти, е критична, затоа што илјадници луѓе се оставени без пристап до вода, струја и каква било медицинска помош.
Москва тврди дека украинските власти се согласиле со оваа хуманитарна операција, како и дека Црвениот крст знае за конвојот, но Западот предупредува на „опасноста од злоупотреба на мисијата“, тврдејќи дека Русија може да ја искорити како покритие за воена инфилтрирање во тој дел од Украина.
– Овој конвој може да се оправда само доколку е авторизиран од Црвениот крст и ако за него се согласиле украинските власти, изјави францускиот министер, кој смета дека „само под такви услови, конвојот со хуманитарна помош може да влезе на територијата на Украина“.
Русија остро ги отфрли ваквите обвинувања од западните земји, нарекувајќи ги тврдењата за злоупотреба на хуманитарната мисија за воени цели, како „целосно апсурдни“.
Властите во Киев и натаму тврдат дека Русија трупа војска на границата со Украина и дека таа може да биде искористена за навлегување на украинската територија. Армијата на Украина која има целосна поддршка од Западот, објави дека и е потребно „малку време за целосно кршење на отпорот на проруските бунтовници“.