Интерпол синоќа соопшти дека во следните 48 часа ќе испрати тим за помош во идентификувањето на жртвите при уривањето на патничкиот авион на „Малезија ерлајнс“ во Источна Украина.
– Меѓународната соработка е од суштинско значење за обезбедување на точно, достоинствено и брзо пронаоѓање и идентификување, наведува во соопштението генералниот секретар на Интерпол Роналд Нобл.
Нобл нагласи дека разговарал со украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, уверувајќи го во континуираната помош на Интерпол, се додека тоа е потребно.
Експерти на единицата на Интерпол за идентификување катастрофи и исчезнати лица ќе бидат испратени на местото на несреќата во Источна Украина на 60 километри од границата со Русија.