Рускиот народен правобранител Ела Памфилова денеска изјави дека во Крим е забележан доток на бегалци од Украина, јави ИТАР-ТАСС.
– Во текот на последните два-три дена во Крим е забележан голем наплив на бегалци од Украина, пред се, од Славјанск и Краматорск, изјави Памфилова пред Државната дума.
Според неа, досега се згрижени 2.000 бегалци, но веќе се појавуваат проблеми со сместувањето на останатите.
Таа, исто така, рече дека во Крим се забележува зголемување на цените на храната и лекарствата, како и на невработеноста.
– Во Крим има многу проблеми. Драстично се зголемија цените на медикаментите и на прехранбените производи. Претходно тие се доставуваа од Украина, рече Памфилова пред новинарите, откако пред Државната дума го претстави извештајот за состојбата со човековите права во Русија.
Според Памфилова, во Крим има „доста големи проблеми со медицинската услуга“, а се поврзани со плаќањето на трудот на лекарите.
Според неа, еден од тешките проблеми е нефункционирањето на механизмот за пререгистрација на сопственоста.
– Се покажува дека претпријатијата не можат да се пререгистрираат и банкротираат, луѓето не добиваат плати и се бркаат од работа, а тоа веќе предизвикува сериозна напрегнатост, рече таа.