Британката Кетрин Ти тврди дека го видела исчезнатиот малезиски авион „Боинг 777“ како гори, додека крстарела со својата јахта во водите во близина на Индонезија, пренесе „Дејли меил“.
-Го видов авионот во портокалова боја, а зад себе оставаше траг од црн чад – вели таа и додава дека леталото се движело од север кон југ.
Според нејзините зборови таа на небото видела уште два авиони, но и било чудно што третиот летал многу ниско, па во првиот момент помислила дека е во прашање метеор.
Кетрин вели дека се што знаела пренела на координативниот центар ЈАЦЦ во австралискиот град Перт, од каде што се води истрага за исчезнатиот авион.
-Видов нешто што наликуваше на авион во пламен, а тогаш самата си реков дека сум луда. Вниманието ми го привлече портокаловата боја, бидејќи никогаш до сега не сум видела нешто такво. Забележав уште два авиони, како летаат во спротивна насока и тие ги имаа вообичаените сигнални светла. Не ни помислував да кренам узбуна, замислете каков идиот ќе бев дококу јавев некому, а се работеше за грешка, раскажува Кетрин.
Како што вели за обелоденување на овие информации ја наговориле членовите на нејзиниот форум, кои и сугерирале дека можеби токму таа е последна која го видела авионот пред исчезнување. Инаку авионот со 239 патници и членови на екипажот од радарите исчезна на 8-ми март, додека леташе од Куала Лумпур кон Пекинг.
Е. Г.