Околу 1.300 матуранти по осми пат денеска на градскиот плоштад „Македонија“ ќе го заиграат танцот квадрил во рамки на „Матурската парада 2014“. Матурантите годинава ќе играат и салса. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга.
Организатори на манифестацијата се Дирекцијата за култура и уметност-Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје. Покровител е Град Скопје, а поддржувачи се Делегацијата на ЕУ во Македонија и Т-Мобиле. Помагатели се компаниите Горска и Секуриком. Медиумски покровител е Македонското радио-Радио Скопје, кое ќе го преземе радио сигналот од Словенија.
Собирањето и подготовките на матурантите ќе почне денеска околу 9 часот на плоштадот „Македонија“. Од 10:30 до 11 часот матурантите ќе дефилираат од градскиот плоштад „Македонија“, по кејот „13 Ноември“, пред хотелот „Холидеј Ин“, покрај улицата „Филип Втори Македонски“ до Собранието на Република Македонија и ќе влезат на плоштадот преку портата „Македонија“. Ќе имаат генерална проба и во 11:40 часот ќе почне официјалниот дел од програмата. „Матурската парада“ ќе ја отвори скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови. Последните години составен дел на оваа манифестација е и изјавата/заклетва на матурантите за ненасилство, за толеранција и меѓусебна соработка.
Годинава девојките ќе носат розови маички, а момчињата црни со натписот „Матурска парада 2014“. По завршувањето на „Матурската парада“, ќе има кратка забава за сите присутни.