И покрај забраната за продажба на алкохол по 19 часот во зимскиот период, односно 21 часот за време на летото, Македонците уживаат во пиење.
Просечен Македонец на годишно ниво внесува меѓу 5 до 7.4 литри алкохол. Омилен пијалок на Македонците е пивото, кое опфаќа 47.4 насто од вкупно испиениот алкохол, а на второ место е виното до речиси 40 насто. Во однос на жестоките пијалоци, на годишно ниво се застапени со 12.6 насто.
Според резултатите од истражувањето на Светската здравствена организација, Македонија е сместена во групата на држави каде умерено се пие алкохол.
Од државите на Балканот, најмногу алкохол консумираат Србите кои просечно пијат 12,5 литри, втори се Хрватите. Следуваат Босанците, Албанците и Македонците.
Консумирањето алкохол варира од држава во држава во целиот свет. Според извештајот на Светската здравствена организација, Русите и нивните соседи пијат повеќе од скоро сите други земји во светот.
Португалија, Гренада, и Андора се исто така рангирани во највисоката категорија на повеќе од 12,5 литри по лице на возраст над 15 години во 2010 година.
Истражувањето на организацијата покажува дека алкохолот е главен виновник за смртта на 2,5 милиони луѓе во светот годишно, што значи дека одзема повеќе животи од СИДА – та и туберкулозата.