Женската фудбалска репрезентација на Македонија утре е домаќин на носителот на групата, репрезентацијата на Италија, во натпревар од квалификациите за Светското првенство во Канада, 2015 година.
Македонските репрезентативки на овој дуел ќе настапат ослабени без својот капитен Наташа Андонова која е повредена.
Селекторот Добре Димовски посакува неговите избранички да одиграат борбено иако, противникот е голем фаворит.
– Вторпат се сретнуваме со Италија која е апсолутен фаворит. Тие се носители на групата, а нивните успеси можат да се забележат и според освоениот број на бодови во квалификациите. Мора да истакнам дека играме во мошне незгоден момент за нашата репрезентација, бидејќи се соочуваме со бројни здравствени проблеми кај репрезентативките. Наташа Андонова е повредена, исто како и искусната Катерина Милеска. Ленче Андреева – столбот на средниот ред, е болна. Правиме исклучителни напори да го составиме тимот за што поуспешно да се претставиме. Решени сме да дадеме се од себе, да не претрпиме висок пораз. Ќе се потрудиме да ја градиме играта преку нашата одговорност и желба за успех, истакна Димовски.
Натпреварот ќе се одигра на комплексот „Куќа на фудбалот“ во Скопје со почеток од 14 часот.