На демаркациската линија меѓу Крим и Украина дојде до судири меѓу силите за борба со безредијата и над 2.000 Татари, кои се обиделе да му помогнат на нивниот лидер Мустава Џемилев да влезе на Полуостровот, иако Русија му го забрани влезот, пренесоа француските медиуми.
Историскиот лидер на кримските Татари, Мустафа Џемилев, неколку пати ја критикуваше анексијата на украинскиот Полуостров и затоа му беше изречена петгодишна забрана за влез на руска територија.
Нему вчера не му беше дозволено да се качи во авионот за Крим, преку Москва, по што требаше да се врати во Киев. Тогаш собранието на кримските Татари – Меџлисот, одлучи да го пресретне денеска на контриолниот пункт во градот Армијанск, во близина на Украина, за тој да може по копно да влезе во Крим, но тоа на крајот не се случи.
Над 2.000 Татари од Крим со автомобили дојдоа во Армијанск за да ја минат демаркациската линија и да го пресретнат својот лидер, кој ги чекаше од другата страна на контролниот пункт.
Педесетина полицајци од силите за борба со безредијата ги пресретнаа, по што следеше борба и истрелување на предупредувачки истрели во воздух.
Татарите успеаја да го минат пунктот и да се сретнат со Џемилев, кој ги чекаше со украинското знаме во раце.
Привремениот премиер на Крим Сергеј Аксјонов настанот го оцени како провокација и го обвини Џемилев дека се обидува да посее хаос.
Татарите во Крим сочинуваат околу 12 проценти од населението и на 16 март го бојкотираа референдумот за неговото приклучување кон Русија.