Австралиските власти денеска ја отфрлија можноста дека откриениот материјал и хемикалии во Бенгалскиот залив се од исчезнатиот малезиски авион „МХ 370“.
Компанијата за истражување на океани „Георезонанс“ соопшти дека детектирала елементи на океанското дно, кои одговараат на материјалите од „Боингот 777“.
-Откривме хемиски елементи и материјал од кој се изработува „Боинг 777“, тоа се алуминиум, титаниум, бакар, оловна легура и други материјали-рече претставникот на компанијата Павел Курс.
Неговиот колега Дејвид Поуп, го намали значењето на ова „откритие“ со зборови дека компанијата не тврди дека се работи за „МХ 370“, но дека тоа е траг кој треба да се следи.
Малезискиот министер за сообраќај, Хишамудин Хусеин рече дека оваа информација ќе се анализира, додека австралиските власти ја отфрлија можноста дека откриениот материјал потекнува од исчезнатиот авион.
Е. Г.