Најмалку 22 лица, вклучително 13 локални старешини и тројца лекари од „Лекари без граници“, се убиени во напад во Централната Африканска Република.
Нападот бил извршен во саботата во градот Нанга Богуила, на околу 450 километри од главниот град Банги, соопшти синоќа портпарол на хуманитарната организација „Лекари без граници“.
Поголем дел од жртвите загинале за време на напад врз болница на „Лекари без граници“, додека во неа се одржувала средба на племенски водачи, соопшти локален политичар. Според него, напаѓачите биле муслимански бунтовници, кои дошле во болницата да бараат пари.
Последните неколку месеци Централната Африканска Република се соочува со меѓурелигиско насилство, што предизвика над еден милион лица да ги напуштат своите домови.