„Прометеј преку ноќ се разбуди со гаќи на себе“ – ваков наслов осамна на бугарскиот портал „Денес“. Во текстот, бугарскиот автор постојано се шегува на сметка на споменикот и одлуката на Владата да го „облече“.
Во текстот се вели дека споменикот кој бил ставен во паркот на жената, спроти Собранието, пред два дена бил ограден со висока ограда, бидејќи властите увиделе дека со голотијата, Промотеј ги повредува чувствата на жените.
„На големо изненадување на граѓаните на главниот град, утринава видоа дека Прометеј преку ноќ на себе ставил гаќи“, пренесува порталот низ иронија.
По појавата на првите фотографии на „Прометеј со гаќи“, според бугарскиот сајт, македонските форуми се исполниле со подигрувачки коментари во однос на владејачката партија. Дел од читателите повикуваат, авторот на споменикот да се откаже од него, а другите со сожалување признаваат дека „станаа потсмев пред целиот свет“. Други пак признаваат дека луѓето надвор од земјата „веќе ги жалат“ за она што се случува во Македонија, пренесува сајтот „Денес“.
Прометеј е меѓу Титаните во грчката митологија. Неговото име значи „размислување однапред“, се вели во текстот, асоцирајќи зошто македонските власти не го направиле тоа однапред.