Иран не може да преземе никакви чекори во врска со сопствената нуклеарна програма без одобрение од Соединетите Држави, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тие не прават ништо без наше одобрение. Не е важно што размислуваат да направат. Тие нема да имаат нуклеарно оружје“, рече Трамп, одговарајќи на прашања на новинарите во Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Тој навести дека наскоро ќе открие дали ќе започне напади врз Иран или не.
– Сега ќе донесеме одлука во врска со Иран – дали да продолжиме и да се осигураме дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори. Би сакал, ако е можно, да не го уништувам остатокот од земјата, но можеби ќе морам. Наскоро ќе дознаете, изјави Трамп.
Повикувајќи се на неименуван висок ирански функционер, Ројтерс денеска претходно објави дека Иран, преку катарски посредници, доставил предлог до Соединетите Држави во врска со нуклеарното прашање, пренесува Танјуг. Функционерот изјави дека САД во моментов го разгледуваат овој ирански предлог, како и дека се очекува Вашингтон и Техеран да разговараат за него откако САД ќе исполнат седум почетни барања поставени од Иран.
